Бонтонот е јасен кога станува збор за однесување во ресторан

Бонтонот е јасен кога станува збор за однесување во ресторан, па не е лошо да се имаат во предвид правилата кои се предвидени во такви прилики.

За почеток, доколку мажот доаѓа во ресторан со припадничка на понежниот пол, тој секогаш прв влегува во ресторанот. Изборот на масата го прави тој и и помага на дамата да го соблече или облече палтото. Секако при седнување на маса најудобното место и припаѓа на жената. Тоа значи дека во никој случај не треба да ја седне на промаја, на место кое служи за поминување или на столче кое ќе гледа кон ѕид. Културен маж не седнува во ресторан сè додека жената не седнала и при тоа и го придржува столот за таа поудобно да се смести.

При избор на јадење жената има предност. Ако на масата има едно мени, мажот и го подава на жената и таа одбира прва, дури потоа мажот има можност да одбере што ќе порача.

Со келнерот разговара и порачува мажот – жената му се обраќа на келнерот само со посредство на својот кавалер. Доколку дамата му го препушти на мажот изборот на јадење и пијалак, џентлмен никогаш нема да го одбере најевтиното. Изборот на пијалак му припаѓа на посилниот пол, кој пред да одбере задолжително се консултира со својата дама. Доколку таа инсистира на некое едноставно јадење, мажот не треба за себе да порача некои посебни специјалитети.

Грубото однесување со келнерот треба да се избегнува по секоја цена, особено ако се работи за замерки за услугата. Ако замерките се оправдани, треба мирно да се соопштат.

Post a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *